Предлог законот за спречување и заштита  од насилство врз жените и семејно насилство на јавни дебати, со новиот Закон целосно се усогласуваме со меѓународните стандарди

Министерството за труд и социјална политика  денеска во Струмица, а вчера во Битола одржа јавни дебати за предложениот текст на Законот за спречување и заштита  од насилство врз жените и семејно насилство. На дебатите беа поканети и присуствуваа претставници на локалните институции, здруженијата на граѓани и заинтересирани граѓани кои ќе придонесат во процесот на донесувањето на законската регулатива.

Донесувањето на овој Закон треба да овозможи сеопфатен пристап, односно интегриран мултидисциплинарен одговор во справувањето со насилството врз жената и семејното насилство, почитувајќи ги човековите права во согласност со меѓународните стандарди. 

Со овој Закон се уредува постапувањето на институциите со должно внимание при заштитата на жените од сите форми на родово-базирано насилство и жртвите на семејно насилство, меѓусебната координација на институциите и организациите. Законот ги опфаќа мерките за превенција од родово-базирано насилство врз жените и жртвите на семејно насилство, собирањето на податоци за родово-базираното насилство врз жените, вклучувајќи го и семејното насилство.

Предлог законот за којшто се дебатираше е во согласност со надлежностите и стратешките определби за унапредување на еднаквите можности, недискриминација, превенција и заштита од секаков вид на насилство. Истиот е целосно усогласен со Програмата на Владата за 2017-2020 година и е во насока на реализација на Акцискиот план за спроведување на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба со насилство спрема жената и домашно насилство 2018-2023 година.

Министерството за труд и социјална политика до крајот на месецот планира да одржи уште две јавни дебати за предложениот текст на Законот од кои едната ќе биде во Скопје.

Со еден клик до сите услуги
Uslugi.gov.mk
Кликни тука
-->