Заменик министерот Ибрахими учествува на Регионални министерски консултации
На 15 и 16 септември 2014 година, во Женева, заменик министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими учествува на Регионалните министерски консултации на тема „Следење и одговорност за Развојната агенда за по 2015 година–регионална димензија“.
Со настанот претседава Владата на Швајцарија, а истиот е организиран од страна на Економската комисија на Обединетите нации за Европа (UNECE) и Регионалната развојна група на Обединетите нации (R-UNDG) за Европа и Централна Азија.
Во дискусиите во однос на развојната агенда за по 2015 година акцентот беше ставен на потребата од темелен мониторинг и одговорност. Покрај одговорноста на глобално и национално ниво, се слушнаа мислења дека фокус треба да се стави и на регионалната димензија на одговорноста.
На барање на Генералниот секретар на Обединетите нации, на состанокот ќе се дискутира за можната улога на регионално ниво во севкупната рамка за следење и одговорност за развојната агенда за по 2015 година, опциите за опфатот и модалитетите на регионалните разгледувања, како и врските со глобалните и националните механизми во рамките на една повеќеслојна архитектура.
На средбата ќе присуствуваат претставници на владите, граѓанското општество, приватниот сектор, меѓународните организации и научната јавност. Ставовите на различните чинители прибрани во текот на средбата претставуваат регионален инпут кон меѓувладините преговори во рамки на Генералното собрание на Обединетите нации, како и кон синтетизираниот извештај на Генералниот секретар на Обединетите нации за развојната агенда за по 2015 година којшто ќе биде изготвен до крајот на 2014 година.