МТСП: Со Младинската гаранција ја намалуваме невработеноста кај младите во Северна Македонија

Делегација од Министерството за труд и социјална политика, синдикатите и работодавачите од Северна Македонија, присуствуваат на Меѓународната конференција на трудот во Палатата на нациите во Женева, Швајцарија, на која истовремено се одбележува и 100 годишнината на Меѓународната организација на трудот. Во името на делегацијата на сесијата на која што присуствуваат преставници од над 180 земји се обрати Мирјана Алексевска, раководител на сектор за политики од областа на трудови право и политики за вработување.

Алексевска истакна дека овој јубилеј треба да не потсети на досегашните достигнувања во областа на трудот, но и да ја искористиме 100 годишнината како мотив за гледање нанапред во разрешувањето на динамичните односи кои ги носи современиот развој и технологијата.    

“За да ја намалиме невработеноста на младите во Северна Македонија втора година по ред ја имплементираме Гаранција за млади. Младинската гаранција е дел од Европските носечки иницијативи и има за цел да им обезбеди на младите лица, во период од четири месеци од пријавувањето во Агенцијата за вработување квалитетна понуда за вработување, континуирано образование и обука, или практикантство. Во оваа прилика би сакала да информирам дека поставената цел е надмината и рализацијата Гаранцијата на млади во 2018 година која се пилотираше во три општини изнесуваше 41,7% што не охрабри и годинава да ја спроведуваме” рече Алексевска.

Гаранцијата за млади се спроведува со техничка помош на Меѓународната организација на трудот и Република Северна Македонија е прва земја во регионот која ја имплементира.

“Во насока на нашата посветеност за побрзо вклучување на младите лица на пазарот на трудот донесовме и посебен Закон за практиканство, со кој се дава можност на млади невработени лица одреден временски период да реализираат практична работа во реални услови и за тоа да им биде платено. Со тоа ја зголемуваме нивната вработливост “, рече Алексевска.

Владата на Република Северна Македонија и понатаму останува на патот на унапредување на работните услови, намалување на родовиот јаз и нееднаквоста во пазарот на трудот, свесна за значењето на социјалниот дијалог и заедничката борба на сите чинители за пристојна работа, во услови на слобода, еднаквост, сигурност и човечко достоинство.

Со еден клик до сите услуги
Uslugi.gov.mk
Кликни тука
-->