5.500 пензионери бесплатно на бања оваа година
Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов денес ги посети пензионерите кои престојуваат во Катлановска бања во рамки на проектот “Бањско-климатска рекреација”.
"Оваа година планираме да опфатиме бројка од околу 5.500 пензионери, кои ќе ја искористат оваа бесплатна услуга, која се состои од 6 полни пансиони, бесплатен превоз, здравствени прегледи и бањски третмани. Мене ми е особено важно што пензионерите кои до сега ја користеа оваа услуга и пензионерите со кои денеска остварив средба, се навистина задоволни од реализацијата на овој проект и од условите кои ги нудат бањите во Македонија за нив", истакна ресорниот министер.
Изминатите години, со овој проект беа опфатени над 22 илјади пензионери, а истиот во континуитет ќе продолжи и наредните години.
Спасов најави дека вакви слични проекти со кои се подобрува социјалниот живот и здравјето на пензионерите ќе продолжат да се реализираат.