Се воведува подобар систем за вработување на лица со инвалидност

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов на првата јавна расправа за новиот Предлог Закон за вработување на лица со инвалидност присутните ги запозна со новините што ги носи Предлог законот истакнувајќи дека се работи за клучна и особено важна реформа.

“Реформа која е во согласност со меѓународните стандарди и ги следи позитивните европски и светски примери, реформа која не само што ќе ја подигне јавната свест за потребите на лицата со инвалидност туку и ќе влијае на менување на состојбата во државата, на значително попристапно општество, попристапни институции, компании, бизниси, сектори, дејности, на менување  на подобро на односот на сите спрема овие наши сограѓани, при што сите заедно ќе придонесеме Македонија да стане многу поинклузивна држава, во која сите ќе бидат посвесни за потребите на инвалидите, сите ќе помогнеме значително да се намалат бариерите за лицата со инвалидност, ќе поставиме нови современи стандарди кои со текот на времето ќе дадат голем резултат во подобрување на состојбата на лицата со инвалидност и значително намалување на нивните потешкотии, тие се наши сограѓани рамноправни и еднакви со нас, со исклучително големи способности, познаваат вештини и секојдневно се борат, се борат со препреките, се борат за да го добијат она што го заслужуваат, време е да покренеме значителни мерки и да покажеме одлучност и сите заедно да се избориме за поголеми можности за лицата со инвалидност, тие го заслужуваат тоа”, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов отворајќи ја јавната расправа по повод новиот Предлог Закон за вработување на лица со инвалидност. 

Министерот Спасов потсети дека вработувањето на лицата со инвалидност во постоечката легислатива е регулирано со Закон за вработување на инвалидни лица којшто е донесен во 2000- та година и со истиот се уредуваат посебните услови за вработување и работење на лицата со инвалидност, како и условите за основање и погодностите за работење на трговско друштво за вработување на инвалидните лица и продолжи: “По извршената анализа од досегашната примена на постојниот Закон, како и компаративната анализа на законите на земјите од ЕУ и нашето опкружување, како и заради подобрување на условите под кои лицата со инвалидност конкурираат на пазарот на труд произлезе и потребата од донесување на нов закон за вработување на лица со инвалидност. Преку предлозите, пак содржани во новиот Предлог закон се зголемува транспарентноста во користењето и располагањето на средствата од посебниот фонд за вработување на лицата со инвалидност и се уредува професионалната рехабилитација  со цел поголема инклузија на лицата со инвалидност на отворениот пазар на труд и практично се спроведува реформа која во европските држави пред повеќе години е спроведена. Тргнувајќи од фактот дека некои други земји  имаат добри примери во регулирање на законодавството во делот вработување на инвалидни лица, при подготовка на законот ги користевме искуствата на експерти од Меѓународната организација на трудот, но и искуствата на неколку држави од регионот и западна Европа особено од Австрија, Хрватска, Турција, Словенија и Србија. Исто така, ги земавме во предвид и дискусиите и мислењата на учесниците на меѓународната конференција на тема „Законски решенија за вработување на лицата со инвалидност“, одржана во мај 2014 година”.

На првата јавна расправа по повод новиот Предлог Закон за вработување на лица со инвалидност министерот Спасов ги посочи суштинските елементи во овој предлог Закон за вработување на лица со инвалидност.

“Значајна новина во предлог законот е квотниот систем за вработување на лица со инвалидност. Имено, се предлага работодавач од јавен и приватен сектор кој има над 35 вработени да има обврска да вработи по едно лице со инвалидност. Се предлага квотата да изнесува од 2% до 6% од вкупниот број на вработени, во зависност од дејноста која што ја врши работодавачот. Па така, максималниот број на вработени лица со инвалидност да изнесува 20, во случај кога се работи за работодавачи со поголем број на вработени (повеќе од 1000 вработени).При вработувањето работодавачот нема обврска да се води од видот и степенот на инвалидноста, односно може да вработи лица кои се дефинираат како лица со инвалидност. Изборот на лицето кое ќе се вработи ќе го врши самата компанија (работодавач), преку јавен оглас, а доколку во рок од три месеци не успее да најде лице со инвалидност, вработувањето ќе го изврши преку посредување на службата надлежна за посредување при вработување од евиденцијата на невработените лица. Доколку фирмите и покрај обврската не вработат лице со инвалидност, ќе плаќаат паричен надоместок во висина од минималната плата во бруто износ. Средствата од овој надоместок ќе се уплаќаат во посебен фонд и ќе се  користат за професионална рехабилитација на лицата со инвалидност, стручно оспособување на лицата со инвалидност, за грант средства во износ од 300 000 денари за самовработување на лица со инвалидност, финансиска поддршка на компаниите кои ќе вработат лица со инвалидност во однос на адаптација на работното место, стручно оспособување на работнициите и друго”, рече министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов. 

Преку воведувањето на квотниот систем за вработување на лица со инвалидност се овозможува адекватна социјална инклузија на лицата со инвалидност, бидејќи тие работници под исти услови ќе конкурираат и ќе работат на активниот пазар на труд како и останатите работници. Истовремено, компаниите стануваат општествено одговорни бидејќи вработуваат лица со инвалидност.Претпријатијата коишто веќе имаат вработено лица со инвалидност, или имаат студенти со инвалидност на пракса, лице со инвалидност на работно, односно стручно оспособување за работа, најмногу до шест месеци и лице со инвалидност чие што редовно образование го стипендира работодавачот, нема да подлежат на обврската за вработување на лице со инвалидност.

“Овде би сакал да потенцирам дека со Законот се предвидуваат погодности за работодавачите коишто ќе вработат лица со инвалидност. Имено, се предлага на правно лице кое не е заштитно друштво, да му се доделат средства од Посебниот фонд за адаптација на работно место на кое ќе работи инвалидното лице, најмногу до 200.000 денари. Новина во овој Закон е обезбедување на средства на инвалидно лице кога самостојно врши дејност како трговец поединец со што може да му се доделат средства од Посебниот фонд за негово вработување на неопределено време најмногу до 300.000 денари. Исто така, предлагаме заштитните друштва да се основаат и работат под истите услови како и досега, односно како трговски претпријатија. Новост во овој дел е тоа што статусот на заштитно друштво ќе го утврдува Агенцијата за вработување, а не како досега Заедницата на заштитни трговски друштва. Агенцијата ќе врши и контрола дали заштитното друштво ги исполнува законските услови во однос на бројот на вработени и вработени на лица со инвалидност. На правно лице кое е заштитно друштво, ќе му се доделат средства од Посебниот фонд за адаптација на работно место на кое ќе работи инвалидното лице, најмногу до 300.000 денари. Истовремено, средствата за придонес за пензиско и инвалидско осигурување, придонес за здравствено осигурување и придонес за вработување за лицата со инвалидност кои се вработени во сите претпријатија или заштитни друштва ќе се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија, а исто така работодавачите се ослободени од плаќање на персонален данок на доход. Заштитните друштва покрај овие поволности се ослобедени и од плаќање на данок на добивка”, информираше министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и продолжи:“Веќе посочив дека во подготвувањето се раководевме и од искуствата на земјите од регионот и земјите членки на ЕУ каде се обезбедуваат погодности за работодавачите кои вработиле лица со инвалидност во вид на ослободување од социјални придонеси и персонален данок на доход, но само за лицата со инвалидност, а не и за здравите лице. Ова решение се однесува и за специјализираните претпријатија кои вработуваат лица со инвалидност. За нив не постојат други видови на даночни ослободувања, особено поради фактот што работат комерцијално. Исто така, како еднократни давања за работодавачите се предвидени единствено давања за прилагодување на конкретно инвалидно лице и за професионална рехабилитација доколку се врши кај работодавачот.Токму затоа, направивме анализа која што ни покажа, односно се утврди дека за користење на погодностите на заштитните друштва за вработување на лица со инвалидност најмногу средства  се доделени за вработување на инвалидни лица и за опрема, многу помалку за работно оспособување на инвалиди и за адаптација на работно место. Ова покажува дека инвалидните лица работеле без претходно работно оспособување и на неадаптирани работни места.Во моментот се евидентирани 291-но заштитно трговско друштво со 6.741 вработени од кои 2.455 се инвалиди. Со предложените решенија во новиот Закон направена е проценка дека 2.059 работодавачи имаат над 35 вработени и со примена на квотниот систем би се вработиле над 5.000 лица. Само во јавниот сектор со примена на квотниот систем ќе се вработат околу 1.700 лица”.

Постојниот Закон нема ограничувања претпријатијата да вработуваат лица со инвалидност и да ги користат поволностите, но во основа законот фаворизира вработување на лица со инвалидност во заштитни трговски друштва, додека вработувањето на отворениот пазар на труд е незначително. Како и во досегашната примена на Законот за вработување на лица со инвалидност и со новиот закон се предлага  да постои Посебен фонд. Новитет претставува составот на Комисијата која ќе управува со средствата, односно наместо Управниот одбор на Агенцијата за вработување се предлага комисијата да е составена од седум члена кои ги именува Владата на Република Македонија за време од три години. Во составот на Комисијата ќе има претставници од: Министерството за финансии, Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување на Република Македонија, Организацијата на работодавачите, Националниот Совет на инвалидски организации на Македонија, репрезентативниот синдикат член на Економско социјалниот совет и генералниот секретар на Владата на Република Македонија.  Средствата во посебниот фонд се обезбедуваат од:

- 10% од придонесот за вработување  и осигурување во случај на невработеност (кој изнесува 1,2% од бруто плата) или околу 3 милиони евра годишно;

- средства по основ на паричен надоместок кој работодавачите го плаќаат доколку не вработат лице со инвалидност согласно со овој закон (во висина на минимална бруто плата)

-  донации и подароци,

 - други извори.

Друга значајна новина во Законот претставува законското уредување на професионалната рехабилитација на лицата со инвалидност. 

“Професионалната рехабилитација на лицата со инвалидност содржи: утврдување на работна способност и проценка на психолошка, ментална и социјални способност на лицето со инвалидност; психо-социјална поддршка и помош за насочување на лицето со инвалидност на соодветна програма за развој на работна и социјална мотивација, анализа на работно место, материјали за работа и работна средина, и препорака за адаптација на работно место, изработка на индивидуален план за работа, работно оспособување, доквалификација, преквалификација на лицето со инвалидност за соодветно занимања /работно место согласно со потребите на отворениот пазар на труд и професионалните способности на лицето со инвалидитет  и др.За почеток се предлага професионалната рехабилитација да се врши во отворени граѓански универзитети за доживотно учење, јавни установи за  заштита и рехабилитација, средни стручни училишта, специјални училишта, заштитни трговски друштва за вработување на лица со инвалидност, работодавач или други правни субјекти со прилагодени или приспособени програми и кои што ги исполнуваат условите за вршење на мерки и активности за професионална рехабилитација. Професионалната рехабилитација ќе се реализира  по претходно одобрен план и мерки за реализација на истата и ќе се финансира од посебниот фонд”. 

Се предлага решенијата за воведување на квотен систем и паричниот надоместок кој го плаќа работодавачот кога не вработува лице со инвалидност, како и професионалната рехабилитација да се применуваат од 1 октомври  2016 година.Решенијата предложени во Законот за вработување на лица со инвалидност треба да ја промени генералната перцепција и да ја подигне општествената свест на сите граѓани, а посебно на работодавачите, за потенцијалот кој го имаат лицата со инвалидност, односно нивната работна способност за вклучување  во отворениот  пазар на труд.

 “Со овој закон поттикнуваме заеднички да создадеме еднакви можности за економска активност на лицата со инвалидност, преку што ќе се влијае на подбрување на целокупната положба во општеството. Познато е дека само економско ативна личност е исполнета личност, поради што сите ние, Владата на Република Македонија и работодавачите, граѓанскиот сектор и секој граѓанин на Република Македонија треба заеднички да делуваме за да им го олесниме пристапот до вработување на лицата со инвалидност”, поентираше министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на првата јавна расправа по повод новиот Предлог Закон за вработување на лица со инвалидност.

Со еден клик до сите услуги
Uslugi.gov.mk
Кликни тука
-->
Овој веб сајт користи колачиња "Cookies", за да го подобри корисничкото искуство.

Доколку ги прифаќате условите притиснете “Се согласувам”. Повеќе инфо.

var prevDropDown = null; function dropDown(src) { if (prevDropDown != null) { prevDropDown.className = "mnuHidden"; } var id = src.id; var subMenuTable; var childID = id + '_submenu'; subMenuTable = document.getElementById(childID); subMenuTable.className = "mnuVisible"; prevDropDown = subMenuTable; }