Министрите Спасовски и Шахпаска на предновогодишно дружење со децата од Јавната установа за згрижување деца во социјален ризик

Претставници на децата од Јавната установа за згрижување деца во социјален ризик денеска предновогодишно се дружеа со министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, Оливер Спасовски и Јагода Шахпаска, како и со претставници на Одделот за специјални полициски операции (ОСПО). Децата имаа прилика накусо да се запознаат со работатата на единиците за специјални задачи, за брзо распоредување и за обука и поддршка, да поразговараат со полициските службеници како тече еден нивни работен ден и да ручаат заедно со нив во мензата во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“.

Притоа, од страна на Одделот за специјални полициски операции, децата добија и новогодишни подароци, кои се состојат од прехранбени артикли и спортска облека, патики и топки, купени со средства собрани од припадниците од трите единици - за специјални задачи, за брзо распоредување и за обука и поддршка.

Посакувајќи им добредојде на децата и сите присутни во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“, министерот Спасовски се заблагодари на припадниците на специјалните сили на МВР што и годинава издвоија финансиски средства од сопствениот буџет за да ја продолжат веќе востановената традиција и да ги израдуваат овие деца да ja почувствуваат меѓусебната грижа, да почувствуваат дека секој еден е важен…

„За мене е многу важно што полицијата покажува една хумана акција, хумана димензија. Ако сакаме да градиме сериозна доверба со нашите граѓани, ако сакаме да бидеме блиски со граѓаните, а знаеме дека сме должни да ги почитуваме интересите на граѓаните, тогаш е важно да покажеме и една хумана димензија и тоа веќе го прават полициските службеници“, истакна Спасовски.

Министерот за внатрешни работи потсети дека годината што изминува беше тешка и полна со предизвици што ги донесе пандемијата, бидејќи примарното внимание на сите беше насочено кон зачувување на здравјето и таа предострожност за сопственото и здравјето на најблиските мора да продолжи и во Новата година.

„Ние сме тука да бидеме потпора за секој еден од вас! Кога било што ви притреба во животот, Министерството за внатрешни работи ќе биде тука за да подаде рака, да ви даде поддршка, помош, затоа што без поддршка и помош никој од нас не може да оди напред, да ги оствари своите цели и интереси“, им порача министерот на најмладите, честитајќи им ја Новата година.

Министерската Шахпаска изрази благодарност до Министерството за внатрешни работи и претставниците на Одделот за специјални полициски операции кои и оваа година издвоија свои средства и ги израдуваа децата од малите групни домови со подароци.

„Малите групни домови претставуваат половина од нашата успешна приказна, затоа што сите деца до 18 години, ги извадивме од институциите и денес тие живеат во мали групни домови, во услови најблиски на едно семејство, се дружат, си помагаат и се грижат едни за други. Секако, тука се и стручните лица кои се грижат за нив, и придонесуваат во нивната изградба на индивидуални личности,“ истакна Шахпаска.

Таа потенцираше дека хуманоста не познава граници, не препознава професија и хуманоста не препознава период на годината.

„Секој ден треба да бидеме хумани и им помагаме на луѓето, не само во облик на подароци, туку и како поддршка и помош на оние кои се немоќни и ранливи,“рече Шахпаска. Таа воедно на сите присутни и на децата им посака многу здравје и желби за поубава нова година.

Преку процесот на деинституционализација Министерството за труд и социјална политика успеа да ги извади сите 180 деца под 18 годишна возраст кои на почетокот на 2017 година беа сместени во социјалните институции. Притоа , им беше обезбедена грижа во заедницата до крајот на 2019 година - во згрижувачки семејства или во мали групни домови, како форма на грижа најблиска до семејната. Наместо поранешните „сиви“ и безлични институции, денеска во земјава функционираат вкупно 22 групни домови во кои се обезбедува 24 часовна грижа и поддршка за 110 деца.

Со еден клик до сите услуги
Uslugi.gov.mk
Кликни тука
-->
Овој веб сајт користи колачиња "Cookies", за да го подобри корисничкото искуство.

Доколку ги прифаќате условите притиснете “Се согласувам”. Повеќе инфо.

var prevDropDown = null; function dropDown(src) { if (prevDropDown != null) { prevDropDown.className = "mnuHidden"; } var id = src.id; var subMenuTable; var childID = id + '_submenu'; subMenuTable = document.getElementById(childID); subMenuTable.className = "mnuVisible"; prevDropDown = subMenuTable; }