Продолжува  Проектот Отворени социјални денови во руралните средини

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов информираше за Проектот Отворени социјални денови на чија што реализација изминатиот период министерството беше интензивно посветено со цел на терен, непосредно  да допре до што е можно повеќе оддалечени и тешко пристапни населени места кои се наоѓаат во општините ширум нашата држава. При тоа приоритет беше стручните тимови од центрите за социјална работа во соработка со општините и месните заедници  да организираат што повеќе средби со поголем број на граѓани кои се наоѓаат во социјален ризик, или пак, им е потребна одредена услуга од институциите, а пред се од Министерството за труд и социјална политика, центрите за социјална работа и единиците на локалната самоуправа.

“Со овој проект се овозможи стручните тимови да допрат и до граѓаните коишто живеат во пооддалечените населени места во руралните средини, кои можеби и поради најразлични причини досега не стигнале до одредена парична помош и парично право и услуга од системот на социјална и детска заштита. Со ваквите непосредни и теренски посети се постигна унапредување на пристапот кон правата и услугите од социјалната заштита за жителите од руралните населени места ширум државата, и значително  го приближи системот на социјална заштита до оние на коишто им е најпотребна. Триесетте центри за социјална заштита имаа обврска на граѓаните да им дадат стручна помош во решавањето на социјалните проблеми со коишто се соочуваат, да им помогнат во обезбедување на неопходната документација и поднесување на формуларите и остварување на правата”, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов. 

Тој уште информираше дека Проектот се реализираше во две етапи и тоа во периодот септември-ноември 2013 година и февруари-јули 2014 година. 

“Oд страна на стручните тимови на Центрите за социјална работа во соработка со најголем дел од општините, во прва фаза посетени се  662 населени места а во втората фаза во прв или втор пат посетени се 480 населени во 74 општини ширум државата. На информативните средби за правата и услугите од социјалната заштита како и давање информации за услуги кои се обезбедуваат од други институции беа опфатени и посетени 6898 граѓани, од нив веќе 467 граѓани остварија правa од социјална заштита, остварија редовна финансиска помош, добија соодветна услуга која што ќе им помогне во надминување на ризикот со кој се соочуваат. Токму ова е показател за успешноста на проектот,  да се помогне на голем број на граѓани на кои им следува помош согласно со закон, а досега не ја остварувале. Од страна на стручните работници е  направен увид и дадено е советување, посета во домовите на неподвижните лица, советување во нарушени семејни односи, советување на малолетници,  упатување кон други институции и помош при оствaрување на правото, право на користење на народна кујна, донации  и сместување”, рече министерот Спасов и најави дека следува продолжување на проектот од месец септември заклучно со месец ноември 2014 година.

“Планирано е да се опфатат нови рурални средини и повторно да се посетат оние каде што има потреба. Во однос на претходно посетените рурални средини, ќе се предвиди повторна посета со цел да се провери состојбата на евидентираните лица/семејства во социјален ризик, но и ќе се обезбедат соодветни донации во облека, храна и хигиенски производи. Во однос на претходно евидентираните случаи на потреба од социјална заштита, центрите за социјална работа спроведуваат  континуиран систем на следење на постапките за остварување на правата и услугите од социјална заштита”, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и заврши: 

“Продолжуваме со преземање на мерки и активности на социјална превенција во насока на спречување на социјални ризици, рано откривање и ран третман на граѓанинот изложен на социјален ризик, а со цел,  надминување и ублажување на штетните последици од изложеноста на социјален ризик, како и воспоставување координирана соработка меѓу општините и центрите за социјална работа во поглед на поголема достапност на системот на социјална заштита.

Проектот ќе продолжи да овозможува поблизок пристап во работата на центрите за социјална работа така што овие услуги ќе ги обезбеди во местото на живеење на граѓаните и на тој начин ќе граѓаните ќе бидат поштедени од дополнителни финансиски трошоци  Институциите постојат за да им служат на потребите на граѓаните. Како министерство посветени сме постојано  да изнаоѓаме различни форми и начини преку кои ќе се доближиме до нив, ќе ги превенираме и решаваме нивните проблеми. Правата и услугите од социјалната заштита се клучни затоа што ја допираат егзистенцијата на едно лице или семејство”.