Националниот семинар на тема:  “Децата со попреченост низ лупата на Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост”

Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими се обрати на националниот семинар на тема:  “Децата со попреченост низ лупата на Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост” при што во своето обраќање тој нагласи дека децата со попреченост имаат потреба од сеопфатна и флексибилна поддршка во учеството во општеството подеднакво со другите деца и дека токму тоа е и целта на оваа Конвенција, да се постигне унапредување, заштита, и да се обезбеди целосно и еднакво уживање на сите човекови права и основни слободи на децата со посебни потреби. При тоа министерот Ибрахими рече дека Република Македонија е заинтересирана овие лица да бидат интегрирани насекаде, во градинките, во училиштата, на работните места...

“Министерството за труд и социјална политика воведе низа мерки за помош на тие лица. Во 32 дневни центри секојдневно по 500 деца поминуваат заедно. Надоместокот за овие лица го зголемивме за 25 отсто и сега изнесува околу 5.541 денар. 7261 корисник имаме на право на парачен надоместок на лица со попреченост и 180 користат за деца со аутизам”, рече министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими.

Министерство за труд и социјална политика секојдневно работи на подигањето на свеста, вклучувајќи ги и семејствата на децата со посебни потреби.

“Во таа насока, под Министерството за труд и социјална политика, во процесот на деинституционализација се отворени и функционираат 16 станбени единици за самостојно живеење со поддршка на лица со интелектуална попреченост во кои се згрижени 76 лица со умерена и тешка интелектуална попреченост. Овој проект овозможува подобрување на социјализација и интеграција на лицата со попреченост и нивно учество во општествениот живот, како и подобрување на нивниот личен развој. Исто така, во рамките на овој проект, се отворени 32 дневни центри, како социјални сервисни служби за децата со попреченост”, информираше Ибрахими.

Исто така, отворен е дневниот Центар за аутизам во Чаир, и дневен Центар за деца со оштетен вид на преучилишна возраст до шест години. Во завршна фаза е реализацијата на проектот за вработување лица со инвалидност во јавната и во државната администрација, со што им се помага  на голем број млади лица од различен вид и степен на инвалидност. Опфатени се слепи и слабовидни лица, лица со комбинирани пречки, со интелектуална попреченост и со телесен инвалидитет.

Народниот правобранител Иџет Мемети потенцира дека на оваа категорија деца потребно им е создавање на реални услови за тие, како сите други, да имаат можност и пристап за остварување на нивните права од секаков аспект, образование, здравствена заштита итн.

Џон Патрик Кларк од Европскиот форум на лица со посебни потреби рече дека Македонија прави многу добри напори и активности кои одат во насока на интеграција на овие лица за да не бидат сегрегирани.

Заменик-претставник на Канцеларијата на УНИЦЕФ Елспет Ериксон нагласи дека не треба да се дозволи попреченоста на овие лица да биде пречка за целосно интегрирање во општеството и констатира дека во Македонија се прават извонредни напори се со цел подобрување на правата на децата со попреченост. 

Организатор на семинарот е Националниот совет на инвалидски организации на Македонија (НСИОМ), Европскиот форум за попреченост (ЕДФ) и УНИЦЕФ. Семинарот е во рамки на проектот „Заштита на децата од насилство и унапредување на социјалната инклузија на децата со попреченост во Западен Балкан и Турција“ финансиран од ЕУ и кофинансиран и имплементиран од УНИЦЕФ, заедно со ЕДФ.