Промовирана Програмата за самовработување од Оперативниот план за 2017 година

Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими заедно со директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски и раководителот на Центарот за вработување Скопје, Слободанка Алексовска ја промовираа Програмата за самовработување како мерка од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување која континуирано и успешно се реализира од 2007 година.

Оваа Програмата има за цел да го поттикне претприемништвото и да поддржи креирање на почетни бизниси кои ќе обезбедат одржливи вработувања, не само за самите основачи, туку и за други лица кои ќе се вработат во овие почетни и оддржливи бизниси. Анализите покажуваат дека нема општина во земјата во која не се основале мали бизниси преку Програмата за самовработување.

“Со Оперативниот план за 2017 година со Програмата за  самовработување ќе бидат опфатени 1.050 невработени лица од евиденцијата на АВРМ – активни баратели на работа вработени во 1.000 новоотворени микро претпријатија. Право на аплицирање за учество во програмата за Самовработување имаат сите невработени лица евидентирани како активни баратели на работа. За реализација на секое самовработување се предвидува поддршка со неповратни средства во висина од 263.940,00 денари од кои 246.000,00 денари во вид на директна поддршка за набавка на опрема и/или материјали, додека 17.940,00 денари се наменети за поддршка во вид на основна обука за претприемништво и водење бизнис, ваучер систем за изработка на бизнис план и поддршка при регистрирање на бизнисите”, информираше министерот Ибрахими. 

Тој додаде дека кандидатите кои ќе презентираат одржлив бизнис план, кој јасно укажува на потреба од дополнително вработување на уште 1 лице имаат можност да аплицираат за грант кој ќе поддржи самовработување на основачот на фирмата и дополнителното вработување. Основачот на правниот субјект ќе има обврска да го задржи дополнително вработеното лице најмалку 12 месеци.  Истовремено, корисниците на оваа програма ќе можат да ги користат можностите што ги нуди Проектот “Македонија вработува 2“, согласно одредбите на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност.

 “Со програмата ќе се поддржат и најмногу 20 бизнис планови за рурални поддрачја, со можност да се набават квалитетни грла (молзни крави, кози, овци) од овластени производители или увезувачи. Ги повикуваме сите заинтересирани невработени лица кои имаат интерес за учество во оваа Програма и да ја реализираат својата бизнис идеја, да се пријават во еден од 30-те центри за вработување низ Република Македонија, каде стручните лица ќе им ги обезбедат сите потребни информации и поддршка.”, рече министерот Ибрахими.

Програмата за самовработување вклучува обука за претприемништво, помош при развивање одржлив бизнис –план и регистрирање на дејност, неповратни грантови во форма на опрема и материјали и менторство за време на започнување на бизнисот.  Преку програмата за Самовработување успеавме да ги поттикнеме голем број на млади, но посебно и жени кои имаат претприемачки дух и желба да станат свои газди. Преку 35% од основачите на бинзиси се жени, додека 31% се млади до 29 години. Во програмата за Самовработување ќе се вклучат и кандидатите од мерката Обука за стекнување вештини од стари занаети, кои успешно ќе ја завршат обуката и ќе изразат желба да основаат занаетчиска дејност (правен субјект).

Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски ги повика заинтересираните невработените лица кои имаат бизнис идеја и план, посебно повикувајќи ги оние кои минатиот пат се најдоа на резервната листа да аплицираат во наредните денови бидејќи огласот веќе е активен. Тој потенцираше дека годинава грантот изнесува 4.000 евра, што е зголемување за илјада евра во однос на изминатите години. Ова е направено  врз основа на направените анализи и консултациите со експертите и изготвувачите на бизнис-плановите.

Раководителот на Центарот за вработување Скопје, пак, Слободанка Алексовска упати повик до младите невработени до 29 години возраст и до жените со претприемачки дух бидејќи анализите покажуваат дека тие се активно вклучени во мерката самовработување и покажуваат успех.