Дебата за дискриминациските практики во областа на вработувањето и работните односи врз етничка припадност, возраст, пол и ментална и телесна попреченост 


Државниот секретар на Министертвото за труд и социјална политика, Муедин Кахвеџи се обрати на дебатата за дискриминациските практики во областа на вработувањето и работните односи врз етничка припадност, возраст, пол и ментална и телесна попреченост во организација на „Полио плус“ – движење против хендикеп.



„Министерството за труд и социјална политика континуирано работи на развивањето на политики за еднакви можности, политики кои што нудат еднакви шанси за сите и кои што обезбедуваат соодветно образование, обука и поддршка на сите вработени, вклучувајќи ги и лицата со попреченост.  Во овој контекст е Закон за заштита од дискриминација со кој што се уреди и унапреди правото на еднаквост и се обезбеди заштита од дискриминација на лицата со попреченост. Истовремено во многу постоечки закони како што се Законот за работни односи, Законот за социјалната заштита, Законот за еднакви можности на жените и мажите и ред други закони се утврдени антидискиминаторски одредби кои што забрануваат дискриминација по сите основи, вклучувајќи ја и дискриминацијата по основ на ментална или телесна попреченост“, рече Кахвеџи.

Тој истакна дека вработувањето на лицата со попреченост е клучен елемент за социјална инклузија и економска самостојност на овие граѓани. Во таа насока, беше Јавниот оглас за засновање на работен однос на неопределно работно време за 2014 година за вкупно 300 лица со инвалидност, што упатува на констатацијата дека е неопходно креирање на политики со кои што ќе покажеме грижа за сите категории на граѓани.

„Професионалната ориентација, асистенција и лична мобилност во пронаоѓањето на соодветно вработување, играат значајна улога во помагањето на лицата со попреченост да ги идентификуваат работните активности кои што најповеќе им одговараат како би можеле истите да се насочат кон соодветна обука и идно вработување. 

Претпријатијата како дел од отворениот пазар на труд или заштитните друштва во нашата држава, во голема мерка придонесуваат за вработување на лицата со попреченост, но од друга страна пак, на нас како Министерство за труд и социјална политика ни останува обврската на овие лица да им обезбедиме пристап кон објективна и индивидуална проценка. Проценката вклучува идентификација на нивните можности кои што се однесуваат на потенцијалните занимања и професии, да даде акцент од проценка на неспособност на проценка на способност и истите да ги поврзе со специфичните барања за одредено вработување, да обезбеди основа за посебна програма наменета за овие лица за нивна професионална рехабилитација и да им помогне да пронајдат соодветно работно место или повторно да се вработат“, рече државниот секретар Кахвеџи. 

Дебатата е дел од активностите на проектот „Од норма до пракса“ кој го спроведува Полио плус – движење против хендикеп во партнерство со Министерството за труд и социјална политика, Комисијата за заштита од дискриминација и МЦМС. Проектот финансиски е поддржан од програмата Прогрес (2007-2013) на Европската Унија.