Средба на министерката за труд и социјална политика со стечајните работници 

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во Куманово одржа средба со стечајните работници на која се дискутираше за решенијата кои ќе бидат опфатени со Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, познат како “Закон за стечајци”.

Во оваа прилика се разговараше за можностите за што поголем опфат во законската регулатива на оваа група граѓани.  Притоа, остануваат основните позиции кои беа договорени на претходната средба со нивните претставници: 15 години стаж, 52 години возраст за жени, а 55 за мажи. Единствено се јавува проблем кај опфатот на тие лица, коишто во одреден период од нивниот живот имале работа во приватни компании. Треба да се утврди дали и колкав период од стажот поминат кај приватни фирми би бил вклучен во овој закон. Министерката Царовска изјави дека заедно со Министерството за финансии ќе направат проценки, ќе се информира Владата и ќе се донесе конечен став за ова прашање.

На средбата присуствуваше и Бранимир Јовановиќ од Министерството за финансии, кој ги информираше присутните дека во ребалансот на буџетот се предвидува да почне исплата на средства за оваа категорија на лица во текот на 2017 година.