Петти Работен состанок за инклузија на Роми и Роми бегалци 


Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов учествуваше на петтиот Работен состанок за инклузија на Роми и Роми бегалци на којшто се информираше за степенот на реализација на утврдените приоритети и се утврдија насоките за натамошната социо-економска инклузија на Ромите во Република Македонија.


Во своето обраќање министерот Спасов рече дека ранливиот статус којшто го имаат Ромите бара координирана и долгорочна стратегија  на надлежните институции  и на сите инволвирани страни. 

“Постигнувањето на поголемо заедништво врз темелите на разновидноста од нации, култури, религии и традиции е  израз на стремење на Ромскиот народ кон достигнување на целосно инклузивна Европа. Секако, инклузивна Европа не може да постои без интеграција на сите оние кои живеат или опстојуваат на маргините на различните општества”, рече министерот Спасов и додаде дека модел за пример за поттикнување и размена на искуства за успешно вклучување на Ромите во политиките и практиката претставува  Европската Платформа за вклучување на Ромите и според него несомнено големо влијание и удел во постигнувањето на интеграцијата на Ромите ќе има и усвоената Стратегија наречена Европа 2020,  во која што е зацртано  извлекувањето на  најмалку 20 милиони луѓе од сиромаштија и социјална исклученост во следната декада. 

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов ги презентираше политиките на Министерството за труд и социјална политика за социо-економската инклузија на Ромите и Ромите бегалци во Република Македонија.

“Како ресорен министер сакам да го издвојам прашањето поврзано со политиките на вработувањето кое е од клучно значење за Ромите. На ова поле Ромите беа вклучени во низа програми и мерки за вработување  кои се дел од оперативниот план за вработување и кои значително  го олеснуваат пристапот до пазарот на трудот. Овде би ги издвоил мерките: самовработување со грант од идеја до бизнис,  самовработување со кредитирање, субвенционираното вработување,  обуки за задоволување на побаруваните занимања на пазарот на трудот, обука кај познат работодавач, програмата за практиканство. Во оперативниот план за активни мерки и програми Ромите се вклучени во програмите за инклузивен раст. Се работи за мерки коишто се навистина успешни, мерки кои го поддржуваат вработувањето на Ромите, кои ја намалуваат невработеноста и навистина им помагаат на невработените лица побрзо и полесно да дојдат до работа. Исто така, започнавме и со примена и реализација на најновите системски мерки и законски решенија, овие поволности ќе опфатат голем број на граѓани, ќе опфатат голем број на Роми и ќе обезбедат нови вработувања, нова помош и поддршка, полесен влез на пазарот на труд и поголеми шанси за успех. Посебно би ја издвоил мерката за Субвенционирање на работодавачите за вработување на невработени лица корисници на социјална парична помош. Во насока на стимулирање на работодавачите од приватниот сектор да вработуваат невработени лица, корисници на социјална парична помош, државата започна да обезбедува субвенција во висина од 80% од висината на социјалната парична помош. За вработените лица по овој основ, се гарантира исплата на минимална плата за период од 24 месеци со обврска работодавачот да го задржи на работа уште дополнителни 24 месеци”, рече министерот Спасов и продолжи: 

“Во интерес на младите невработени лица до 29 години, започнуваме и со реализација на  втората системска мерка  со која за работодавачите се обезбедува големо олеснување и поддршка. За вработувањата на  млади лица до 29 години  во приватниот сектор, државата ги намалува трошоците на работодавачите за ангажирање на работен кадар. Односно, работодавачите од приватниот сектор кои ќе вработат невработени лица до 29 години возраст со полно работно време, ќе биде ослободени од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и тоа:
-придонес за пензиско и инвалидско осигурување, 
-придонес за здравствено осигурување и 
-придонес за осигурување во случај на невработеност.
Морам да напоменам дека оваа значителна поволност и значително олеснување беше прифатено и поддржано од стопанските комори и бизнис заедницата во Република Македонија и ќе влијае значително на намалување на невработеноста кај младите луѓе”, информираше Спасов. 

Тој во продолжение потсети дека покрај на полето на вработувањето, Министерството за труд и социјална политика активно работи и на полето на вклучување на децата Роми во установите за предучилишно воспитување. До сега над 2000 деца беа вклучени во детските градинки, при што бесплатно се вклучуваат во предучилишното образование што е пак предуслов за понатамошно вклучување во образованието. 

“Tаканаречениот “ланец на исклученост” го eлиминираме и преку акцијата за идентификување на лица нерегистрирани во Матичната книга на родените, со која на над 100 лица им е помогнато да се запишат во Матичната книга на родените со што им се овозможува понатаму да ги остваруваат сите свои законски права. Министерството за труд и социјална политика во декември 2012 и декември 2013 година во рамките на својот буџет обезбеди  средства за ДНК анализа за  лица идентификувани како нерегистрирани во матичната книга на родените. Оваа акција продолжува и понатаму”, рече Спасов.

Во оваа прилика министерот Спасов потсети и на плодната соработка со меѓународните организации. 

“Во контекст на остварување на законските права, министерството заедно со ОБСЕ е вклучено во имплементацијата на проектот за бесплатна правна помош, а во насока на подобро информирање за правата и обврските на граѓаните Роми функционираат 12те Ромски информативни центри во градовите со поголема концентрација на жители Роми. На подобрување на социо-економската состојба на Ромите во Македонија активно соработуваме со невладиниот сектор, но и со меѓународните организации: одржуваме конструктивна и континуирана соработа  ЕУ делегацијата во РМ преку проектите од ИПА компонентите, со УНДП преку проект за подобрување на вработливоста на Ромската популација, со МТМ организацијата од Будимпешта преку ревидирањето на Стратегијата за Роми во Република Македонија,со Ромскиот едукативен фонд преку имплементацијата на проектот за вклучување на децата Роми во предучилишното образование и многу други. На сите нив во оваа прилика им изразувам длабока благодарност за поддршката која што ни ја даваат и за помошта во реализацијата на големиот број проекти во интерес на нашите граѓани”, рече Спасов и заклучи дека Ромите се рамноправни граѓани на Република Македонија и затоа должни сме сите заедно континуирано да ја унапредуваме постојната состојба и понатаму  да реализираме проекти  во интерес на сите наши граѓани, да бараме решенија и да ги надминуваме предизвиците. 

Петтиот Работен состанок за инклузија на Роми и Роми бегалци го организираа Министерството за труд и социјална политика, Кабинетот на министерот без ресор и Национален координатор на Декадата и Стратегијата на Роми Неждет Мустафа, Секретаријатот за европски прашања и Делегацијата на Европската унија во Македонија.