30 години јубилеј на Институтот за социјална работа и социјална политика „Мајка Тереза“

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, се обрати на меѓународната научна конференција на тема „Достигнувањата и перспективите на социјалната работа и социјалната политика“,  организирана по повод јубилејот 30 години од работењето на Институтот за социјална работа и социјална политика „Мајка Тереза“ при Филозофскиот факултет Скопје.

Министерот Спасов рече дека Институтот “Мајка Тереза” спаѓа во основата на системот на социјалната заштита во Република Македонија, кој во огромна мера допринесува за неговиот развој и осовременување. 


“Со развојот на научната мисла и создавање на високообразован кадар, кој понатака се вмрежува во системот на социјалната заштита и институциите од тој домен, овој Институт го надградува системот на социјалната заштита во нашата земја”, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.   

Тој посочи дека Министерството за труд и социјална политика како ресорно министерство посебно е насочено кон развојот на социјалната заштита, нејзиното унапредување и доближување до потребите на социјално ранливите групи и социјално исклучените лица, да обезбеди нивна поддршка, помош и заштита.

 “Наша цел е ставање на сите расположиви капацитети во обезбедување на соодветна социјална заштита и што поголема достапност на социјалните услуги до сите граѓани, како и препознавање на нивните потреби. Тоа е возможно само преку континуирано зајакнување на капацитетите на соодветните институции. Сите овие заложби би биле нецелосни, без партнерскиот однос и огромната поддршка која што ја имаме како ресорно министерство од страна на Институтот за социјална работа и социјална политика и експертите кои се дел од Институтот.       

Како крупни потфати на кои заеднички соработувавме се законските прописи од областа на социјалната заштита,  како и стратешките документи  Националната програма за развој на социјалната заштита 2011-2012 и Националната стратегија за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост 2010-2020.  Особено значајна е поддршката што ја добиваме во реформските процеси во системот на социјалната заштита, како деинституционализацијата и децентрализацијата кои овозможија воведување на нови форми на заштита на ранливите категории, како што се малите групни домови за деца без родителска грижа, станбените единици за организирано живеење, дневните центри итн”, информираше министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.       

Тој потенцираше дека во целиот процес на реформи и подобрување на системот на услугите од социјалната заштита, изработката на различните програми активно се вклучени стручњаците и експертите од Институтот со својот професионален и научен дигнитет.

“За успешни мерки и ефикасно спроведување на Законот за социјалната заштита, мора постојано да се работи на капацитетите на стручните работници кои работат во установите за социјална заштита. За постигнување на таа цел постои Комисијата за лиценцирање во која учествуваат претставници на Институтот “Мајка Тереза”, чија што задача е спроведување на обуки и  проверки на стручните знаења  на кадарот кој работи во соодветните установи за социјална заштита. Низ овој процес на лиценцирање досега поминаа 786 лица. Со стручен и советодавен придонес, Институтот игра значајна улога во функционалната анализа на Центрите за социјална работа која ние како министерството ја спроведуваме, а со неа сакаме да обезбедиме поквалитетни услуги за граѓаните.Исто така, како плод на меѓусебна соработка, беше донесен и усвоен Прирачникот за развој на социјални услуги за ранливите групи во локалните заедници во насока на развивање на социјалната заштита во заедницата”, рече Спасов и продолжи:“Во 2012 година беше потпишан и Меморандум за соработка  со Универзитетот Св.Кирил и Методиј, со кој на е студентите од Институтот за социјална работа и социјална политика им се овозможи практична работа во Центрите за социјална работа, но се предвидоа и школарини за додипломски студии за деца од семејства корисници на социјална парична помош, како и школарини за постдипломски и докторски студии за вработените во министерството”.На крај во своето обраќање министерот за труд и социјална политика Диме Спасов посакувајќи им долги години на постоење и славење на уште многу јубилеи потенцираше дека: ”Институтот за социјална работа и социјална политика е капитален фактор во образовниот и социјалниот сегмент во нашето општество. Со научните достигнувања и поддршката која ни ја дава, тој е темел на социјалниот систем во Република Македонија. Ваш  најголем успех е кадарот кој го создавате и кој во иднина ќе ги креира социјалните политики во државата. Очекувам уште многу заеднички иницијативи и соработки, кој ќе придонесат да бидеме што поотворени кон социјално ранливите категории”.