Новиот предлог Закон за забрана и спречување на нерегистрирана дејност ќе ја намали сивата економија

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов учествуваше на првата јавна расправа во однос на Предлог законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност. Министерот Спасов истакна дека нацрт текстот е подготвен после опсежни анализи, црпење на искуства од слични решенија во соседството, но и консултации со нашите партнери од Економско-социјалниот совет. Воедно, тој посочи дека до сега не постоеше законско уредување кое што ја уредуваше оваа материја.

“Нерегистрираната дејност беше парцијално регулирана во дел од посебните закони, додека пак во одредени закони и воопшто не беше регулирана и опфатена. Во законите каде што е регулирана, има минимална казна за вршење на нерегистрирана дејност или воопшто ја нема. Практично  поради тие причини постоеше огромен простор и стимул за сивата и неформална економија. Односно, оние кои не беа регистрирани не плаќаат даноци, не ги регистрираат своите бизниси, не ги пријавуваат своите вработени, не ги исполнуваат стандардите за работа, бидејќи практично немаше забрана, ниту казна, ниту постапка која е дефинирана во законите”, рече Спасов и додаде: “Целта на законот е да се спречи вршењето на нерегистрирани дејности од поголем обем, поголеми бизниси кои не се регистрирани и се дел од сивата економија и не исполнуваат никави стандарди, како на пример: физичките лица кои градат згради, маркетинг во кои работат повеќе работници на сопственикот нема никаква фирма и функционира како физичко лице, нерегистрирани угостителски објекти ресторани, кафулуња, сендвичари кои продаваат храна на голем број на граѓани, увезувачи и продавачи на возила  и така натаму. Нашата цел со овој закон не е да ги опфатиме и казниме работите и услугите кои се вршат во домаќинствата (односно некој во сопствениот дом кога ќе повика мајстор или хигиеничар) и токму заради тоа овие услуги, односно сите услуги во домаќинствата нема да се опфатат со овој предлог закон и истите се исклучени”, појасни министерот за труд и социјална политика. 

На јавната расправа, Спасов, најнапред се  осврна на она што е темелно за предлог-законот за забрана и спречување на вршење нерегистрирана дејност.  

“Најопшто кажано предлог законот има една голема и конкретна цел, а тоа е намалување на сивата економија, односно отстранување на можноста за вршење на дејност која не е регистрирана.  Тоа ќе го илустрирам на следниов начин. Според Државниот завод за статистика, стапката на неформално вработените во однос на вкупниот број на вработени во државата низ годините опаѓа, но таа сеуште е висока и изнесува околу 22,5%. Или низ бројки проценките се дека околу 152.000 лица се неформално вработени. Наспроти тоа, имаме над 527000 пријавени работници, 93.000 регистрирани приватни фирми, над 8000 регистрирани трговци поединци, над 4500 занаетчии кои се регистрирани и работат согласно со законите”, рече Спасов.

Во продолжение, министерот за труд и социјална политика потенцираше:”Не смееме да дозволиме сите овие регистрирани приватни компании, трговци поединци, занаетчии, сите овие наши сограѓани кои вредно работат, ги почитуваат законите, ги плаќаат даноците, ги исполнуваат стандардите, прописно ги пријавуваат и плаќаат работниците, да трпат голема, огромна штета од индивидуални бизнисмени кои не се регистрирани, кои се дел од сивата економија и практично ги избегнуваат законите и се огромен дел од нелојалната конкуренција. Не смееме да дозволиме и ангажираните работници да трпат за сметка на овие нерегистрирани бизнисмени, и овие работници вредно работат и овие работници имаат право да бидат пријавени имаат право за осигурување и право на пензија. Тоа е вовед во нелојална конкуренција а ја потикнуваат физички и правни лица кои вршат дејност која не е регистрирана или не е дел од ниту еден регистар. Ова само по себе повлекува пречки кон создавање на работни места и развој на малите и средни претпријатија, затајување и евазија на данок и појава на некомпетитивни бизниси, кои не исполнуваат стандарди за работа, работат на диво и ги загрозуваат и доведуваат во опасност и работниците кои работат за нив и граѓаните како потрошувачи и компаниите од формалниот сектор”.       

При образложувањето на Законот, министерот Спасов истакна дека мотив е со предлог Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност да “воведеме стандард и постапка и систем на регулирање на оваа нецелосно регулирана областа, да го подобруваме бизнис опкружувањето на компаниите и приватните бизниси кои работат во формалниот сектор, да потикнеме  креирање на работни места, заштита на работничките права и социјална сигурност за сите работници, секој работник има право да биде осигуран и во здравствено и пензиско осигурување и тоа право мора да им биде овозможено на сите кои работат”.  

Законот ќе ги стимулира сите компании кои работат во формалниот сектор. Во јавноста, како што рече Спасов, некако до сега акцентот се стави на физичките лица кои вршат нерегистрирана дејност, заборавајќи дека постојат правни лица(компании, фирми) кои тоа го прават.  

“Би акцентирал дека законот ја санкционира и побарувачката од нерегистрирана дејност. Сите оние кои сакаат да ја користат се сооучесници и ја стимулираат. Пластично кажано, тоа се потрошувачи кои користејќи такви услуги се оставаат без заштита. Има многу такви примери во секојдневниот живот”,рече Спасов и продолжи:”Потрошувачите ќе бидат заштитени и на тој начин што предвидуваме и намалување на можностите за маркетинг на бизнисот во неформалната дејност, така што ќе ја воведеме обврската за чување на податоците од страна на компаниите кои огласуваат формални и неформални дејности и при тоа се дава нова можност на повеќе  инспекциски органи да ги добијат податоците за можните извршители на нерегистрирана дејност. Но, исто така се зголемуваат надлежностите на инспекциите како би можеле координирано да учествуваат во инспекциските надзори додека  УЈП ќе добива известувања од страна на другите инспекции и обратно за пронајдени неформални дејности”.   

На јавната расправа се говореше и за придобивките од воведувањето на Законот за забрана за спречување за вршење на нерегистрирана дејност во даночната сфера. 

“Очекувано со вршењето на нерегистрираната дејност, приходите од даноци се помали отколку што реално можат да бидат а даночните обврзници имаат поголем товар, а имаат помала заштита од она што реално би требало да го имаат. Намерата на законот е всушност, приходите остварени во сивата зона да се легализираат и преку оданочување. Преку воведувањето на овој закон ќе се настојува да се намали одбегнувањето да се плати данок”, рече Спасов.

Дискусијата се одвиваше и во насока на заштитата на правата на работниците.    

“Во услови кога со помош на социјалниот дијалог, постигнуваме видливи резултати во делот на подобрување на правата на работниците, постоењето на нерегистрираната дејност ги уназадува. Така на пример, работниците вклучени во нерегистрираните дејности не ги остваруваат правата утврдени со Законот за работните односи, односно сите оние права кои ги имаат работниците согласно Закон, колективен договор и договор за вработување. Со самото тоа што немаат договори за вработување не можат да бидат вклучени во задолжително социјално осигурување. Со предлог законот за забрана и спречување на нерегистрирана дејност ќе им се обезбеди социјална сигурност на овие работници, односно ќе влезат во системот на задолжително социјално осигурување со што ќе можат да ги користат правата по основ на пензиско и инвалидско осигурување, правото на здравствено осигурување и право по основ на невработеност”, истакна Спасов.

При образложувањето на Законот, министерот Спасов појасни дека:“Предлог-законот за забрана и спречување на нерегистрирана дејност ќе го санкционира: 
  • вршењето на дејност од страна на  правно лице која не е запишана во посебните регистри утврдени со закон, покрај трговскиот регистар;
  • вршење на дејност од страна на  правно лице без да поседува законски пропишан акт/и за исполнување на условите за вршење на регистрирана дејност издаден/и од надлежен орган согласно закон;
  • вршење на дејност од страна на физичко лице  која не е регистрирана кај надлежен орган;
  • вршење на дејност од страна на физичко лице без да поседува законски пропишан акт/и со кој ги исполнува условите за вршење на регистрирана дејност издаден/и од надлежен орган согласно закон и 
  • кога правното или физичкото лице врши дејност спротивно на забраната на вршење дејност изречена од надлежен орган”.        
  Во однос на казнената политика, според Спасов, предвидени глоби во законот се:
  • Глоба во износ од 10.000 до 20.000 евра во денарска противвредност  ќе му се изрече за прекршок на работодавач-правно лице
  • Глоба во износ од 3.000 до 10.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичкото лице
  • Глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност  ќе му се изрече  за прекршокот на работодавач-правно лице како соучесник.

Во однос, пак, на инспекцискиот надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон, истиот ќе вршат органите на државната управа и тоа Државниот инспекторат за труд, Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државен инспекторат за животна средина, Државен комунален инспекторат, Државен инспекторат за транспорт, Државен инспекторат за техничка инспекција и Државен инспекторат за градежништво и урбанизам.Во однос на легислативата, министерот Спасов потенцираше дека до сега во Република Македонија беа предвидени казни за вршење на нерегистрирана дејност во поедини закони, како  Законот за угостителска дејност и Закон за туристичка дејност но тие беа од  300 до 500 евра најчесто и тоа беше стимулативно за сивата економија.         

“Во предлог законот многу јасно се наведени исклучоците или дејностите кои нема да бидат опфатени како:

  • работа за сопствени потреби, семејна помош, соседска помош, продажба на лични користени предмети, работа која се врши без финансиски надоместок или друга материјална корист и ако работата не се извршува редовно.

  • дејноста која ја вршат физички лица преку продажни места на организирани зелени пазари,

  • извршувањето на нужна работа за спречување на несреќи или отстранување на последици од природни и други несреќи

  • услуга извршена за потребите во домаќинството

  • повременото вршење на активност за која со закон е исклучена обврската за регистрација на дејноста кај надлежен орган (панаѓури, саеми)”, елаборираше Спасов.

На крајот, министерот за труд и социјална политика, резимираше: “Лично сметам дека сериозно недостасуваше еден ваков закон во нашата држава. Потребно е пред се да се менува свеста кај оние кои сакаат да нудат услуги и да заработуваат. Како Влада сме сериозно посветени и ни е приоритет отворањето бизниси, самовработувањето, вработувањето, потик на дефицитарни занимања. Но, исто така, мора да се има одговорност и спрема оној кому се нуди и остварува услугата, и спрема оној кој ни е вработен, како и спрема лојалната конкуренција и државата. Цврсто сум убеден дека со овој закон тоа ќе го постигнеме, ќе потполниме еден празен простор. Не постојат идеални ни совршени решенија ниту пак конечни. Затоа преку јавните дебати и преку сопственото учество ќе дадеме допринос да го подобруваме предлог законот при што секој може да прати и писмени коментари во однос на овој предлог закон во наредните 10 дена, и сите предлози ќе бидат земени во предвид”, и притоа искажа верување дека оваа јавна дебата ќе допринесе за транспарентност и квалитет на процесот на носење на законот.

Со еден клик до сите услуги
Uslugi.gov.mk
Кликни тука
-->
Овој веб сајт користи колачиња "Cookies", за да го подобри корисничкото искуство.

Доколку ги прифаќате условите притиснете “Се согласувам”. Повеќе инфо.

var prevDropDown = null; function dropDown(src) { if (prevDropDown != null) { prevDropDown.className = "mnuHidden"; } var id = src.id; var subMenuTable; var childID = id + '_submenu'; subMenuTable = document.getElementById(childID); subMenuTable.className = "mnuVisible"; prevDropDown = subMenuTable; }