Програма на ЕУ „Вработување и социјални иновации“ – ЕаСи  (employment and social innovation - EaSi)
Програмата  „Вработување и социјални иновации“ – ЕаСи (Employment and Social  Innovation - EaSi) е финансиски инструмент на Европската Унија со кој  директно управува Европската комисија. Програмата обезбедува поддршка на  вработувањето, социјалната политика и мобилноста на работната сила во  ЕУ. Со овој инструмент се финансира развој и тестирање на иновативни  решенија за поттикнување на одржлив долгорочен раст и работни места,  намалување на разликите помеѓу државите членки и постигнување на  напредок во намалување на социјалната нееднаквост.
Програмата ЕаСи се состои од три потпрограми:
- 
     Прогрес – Модернизација на политиките за вработување и социјалните политики
 
- 
     Микрофинансирање и социјално претприемништво
 
- 
     ЕУРЕС – Унапредување на мобилноста на работната сила
 
Република  Македонија склучи Спогодба со Европската комисија за учество во  програмата ЕаСи. Спогодбата беше потпишана на 31.1.2015 во Скопје и на  30.3.2015 во Брисел. За да стапи во сила, се спроведе постапка за  ратификација на Спогодбата од Собранието на Република Македонија.  Законот за ратификација на спогодбата меѓу Република Македонија и  Европската Унија за учество на Република Македонија во програмата на  Европската Унија „Вработување и социјални иновации" беше објавен во  Службен весник на РМ  бр. 125 од 24.07.2015. Спогодбата овозможува  учество во потпрограмите ПРОГРЕС и Микрофинансирање и социјално  претприемништво. Република Македонија нема да има право на учество во  активностите на потпрограмата ЕУРЕС.
Цели на програмата ЕаСи
- 
     Координација на активностите на ниво на ЕУ и на национално ниво во областа на вработувањето и социјалните прашања.
 
- 
     Поддршка на развојот на адекватен систем на социјална заштита и  на политиките на пазарот на трудот преку зајакнување на доброто  владеење, преку взаемно учење и социјални иновации.
 
- 
     Модернизација на законодавството на ЕУ и ефективна примена на правото на ЕУ.
 
- 
     Зголемување на географската мобилност на работната сила.
 
- 
     Зголемување на достапноста и пристапот до микрофинансирање за  ранливите групи и микропретпријатија и зголемување на пристапот до  финансии за социјалните претпријатија.
 
ЕаСи во бројки
- 
     Вкупен буџет: 919 469 000 евра по сегашни цени
 
- 
     Индикативна распределба на средствата: 61% за ПРОГРЕС, 21% за Микрофинансирање и социјално претприемништво и 18% ЕУРЕС.