Зголемување на интересот за згрижување деца        


Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска го посети домот на Есма Реџепова која со своето хуманитарно здружение е дел од заедничкиот проект „На секое дете му е потребно семејство“.


Министерот Спасов честитајќи и на Есма за успешната работа, потенцира дека таа е вистински пример за згрижувачко семејство.

“Есма Реџепова досега има згрижено 48 деца, што е показател за нејзината хуманост и добродетелност” истакна Спасов, заблагодарувајќи се на целиот тим на здружението на Есма за несебичното залагање во проектот на Министерството за труд и социјална политика.

Кампањата ја водиме, рече министерот Спасов, за да им се помогне на дечиња без родителска грижа,  да бидат згрижени во семејство затоа што, рече, згрижувачкото семејство е најблиската форма со биолошкото семејство и е најефикасниот начин да се доведе едно дете на здрав пат.

“Интересот за згрижување на дете се зголемува. Ние заедно со нашите институции им обезбедуваме соодветна обука и сертификација, но исто и паричен надоместок во зависност од категориите кој се движи од 6.500 денари до 8.000 денари месечно” појасни Спасов.

Проектот за сместување во згрижувачко семејство претставува форма на заштита која овозможува грижа за лице кое има потреба да биде во вашиот дом, заедно со вашето семејство.

Семејствата кои сакаат да бидат згрижувачи можат да се информираат на веб страната на Министерството за труд и социјална политика www.mtsp.gov.mk, на мејл адресата zgrizuvanje@mtsp.gov.mk и на бесплатниот телефонски број 15 505.