Министерот Ибрахими и директорот Поповски во посета на „Агропал“, компанија корисник на мерките за вработување

Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими и директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски ја посетија компанијата „Агропал“ кај тетовска Брвеница што има шесеетина вработени кои собираат и преработуваат пластичен отпад во пластични вреќи и фолии што потоа се пласираат на домашниот, но и на странските пазари.

Нивниот раст и отворање е помогнат од оперативните мерки за вработување со коишто во изминатите десет години од нивното применување се отворени над 40 илјади нови работни места во компаниите низ државата.

"Компанија што веќе 20 години опстојува на пазарот е една од компаниите што навистина покажува како приватниот бизнис може да се развива. Во изминатиот период тие искористија три мерки од оперативниот план за вработување Македонија вработува 1, субвенционирано вработување и обука кај познат работодавач. Сега правиме планови како да им помогнеме и во иднина", изјави по посетата министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими.

Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски потрнцираше дека оваа компанија е пример каде што неколку владини мерки довеле до зголемување на вработувањата и над 15 лица се вработиле со нив.

"Ние ќе им помагаме во секој сегмент бидејќи не се само тука обуките и субвенциите туку има и многу други аспекти што ги нуди оперативниот план за вработување. Порака за сите оние што ќе бираат во иднина работни места, што ќе бираат образование да видат што се бара на пазарот на труд, кое е тоа звање и образовен профил за во иднина да не бидат невработени", рече Поповски.

Од компанијата очекуваат дека помошта од надлежните институции ќе продолжи и во следниот период.