МТСП: Со двата нови Дневни центри во Велес и Кочани помагаме во развој и во вклучување во социјалниот живот на лицата со попреченост
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска денеска отвори Дневни центри за лица со попреченост, во Велес и во Кочани. Центрите се опремени по најсовремени стандарди и со нив треба да се зголеми квалитетот на животот на децата и на лицата со попреченост во овие два града и oколината.
„Овие социјални сервиси значат многу за развојот на лицата кои ги посетуваат, но и за самата локална заедница. Корисниците кои на неколку саати секојдневно престојуваат во нив имаат програмски активности кои се однесуваат на реализација на индивидуална програма за работа за секое лице, а се работи и во група и со родителите на корисниците“, изјави министерката Царовска.
Центрите, истакна Царовска помагаат и во исполнувањето на одредбите од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, како што се правото на самостојно живеење, лична мобилност, пристап до образование, здавствена заштита, рехабилитација и вработување.
Капацитетот на Дневниот центар во Велес е за шест, а во моментот го посетуваат пет деца, додека во кочанскиот центар има четири корисници, а капацитетот е поголем.Министерството за труд и социјална политика, покрај центрите во Велес и во Кочани, овој месец отвори и други два дневни центри во Прилеп и во Македонска Каменица. Од претходно веќе функционираат околу 30-тина Дневни центри низ цела Македонија кои имаат 431 корисник до 18 години и 187 корисник над 18 години.