Шахпаска на средба со „Гласен текстилец“: Почитувањето на работничките права се наш приоритет, ги повикувам работниците да го пријават секое прекршување
Почитување и унапредување на правата на работниците, како и усвојување на целосно нов и усогласен закон за работни односи кој ќе ги одразува потребите и на работниците и на работодавачите се дел од најважните приоритети за Министерството за труд и социјална политика, порача министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на денешната средба со Кристина Ампева, претставник на Здружението „Гласен текстилец“.
На состанокот, на кој се зборуваше и за институционална и ефикасна заштита на работничките права, особено во услови на пандемијата КОВИД-19, присуствуваше и директорката на Државниот инспекторат за труд Јована Тренчевска.
„Работничките права и законите кои нив ги регулираат мора да се почитуваат и од тоа нема отстапување. Постојано сме во директна комуникација со Здружението „Гласен текстилец“, со претставниците на синдикатите и ги охрабруваме работниците секое непочитување на нивните права да го пријават до надлежните институции. Само на тој начин можеме ефикасно и одговорно да постапуваме“, рече министерката Шахпаска.
Соговорничките се согласија дека е постигнат значаен напредок во заштитата на правата на работниците, но дека на ова поле има уште простор за работа, особено е неопходно да се охрабрат работниците да го кренат својот глас секогаш кога се прекршени нивните права.
„Изедначувањето на минималната плата во текстилната и кожарската индустрија, како и во индустријата со обувки со останатите сектори што го постигнавме како Влада е од исклучително значење. Минималната плата изминатиот период од 9.000 денари се покачи на 14.900 денари, а тенденцијата е таа да расте, веднаш откако ќе биде надмината кризата што ја наметна пандемијата КОВИД-19“, нагласи Шахпаска.