Кампањата за здрави работни места – „Безбедна и здрава работа во дигиталната ера“ (Healthy Workplaces - Safe and healthy work in the digital age) на Европската агенција за безбедност и здравје при работа (EU-OSHA) се спроведува во период од две години (2023-2025).
Во фокусот на оваа широка Кампања во областа на БЗР, која ќе се реализира во сите земји-членки на Европската унија и земјите кандидати за членство, ќе биде подигнувањето на свеста за предизвиците по безбедноста и здравјето при работа поврзани со дигиталната трансформација на работата и употребата на дигиталните технологии во секојдневната работа.
Важно е да се знае дека дигитализацијата и употребата на дигиталните технологии носат бројни придобивки во работата и за работникот. Во денешно време дигиталните технологии обезбедуваат услуги и решенија за буквално сите сектори на економијата и општеството, и тие не само што го менуваат начинот на кој работиме, туку и тоа каде и кога работиме. Роботиката и вештачката интелигенција (AI) обезбедуваат помош и поддршка, па и ги заменуваат вработените кои работат во опасни и ризични средини. IT-системите и големите податоци (big data) овозможуваат поефикасни системи за следење и управување. Работата од далечина им овозможува на вработените зголемена автономија и флексибилност.
Меѓутоа, покрај бројните предности и придобивки, мора да сме свесни дека дигитализацијата и употребата на дигиталните технологии, со себе носи и свои опасности, предизвици и ризици кои можат неповолно да влијаат врз работникот (пример: појава на стрес, социјална изолација, влошување на психо-социјалното здравје итн.). Предностите на дигитализацијата можат успешно да се користат, само доколку и со ризиците се управува на соодветен начин.
Целта на оваа кампања е токму подигнувањето на свеста и поттикнување на дебати и дискусии за важноста на безбедноста и здравјето при работа во оваа дигитална ера во која живееме и работиме и неопходноста да се има „пристап фокусиран на човекот“ при дизајнирањето, спроведувањето, управувањето и користењето на дигиталните технологии.
Кампањата е официјално промовирана и лансирана на прес-конференција во Брисел, на 25.10.2023 година.
Официјална web-страна на кампањата: https://healthy-workplaces.eu/en
Материјали во врска со кампањата
• Флаер за Кампањата (MK) (EN)
• Флаер за Кампањата (three-fold) (MK) (EN)
• Постер (MK) (EN)
• Водич за Кампањата
• Флаер - Повик: Награда за добри практики за здрави работни места
• Презентација: „Здрава и безбедна работа во дигиталната ера – здравје на работниците“, Проф.Д-р. Јованка Караџинска Бислимовска и Прим.Д-р. Маја Панајотовиќ Радевска, Институт за медицина на трудот на Република Северна Македонија
• Презентација: „Глобални трендови во дигитализацијата во работата и нејзиното влијание врз безбедноста и здравјето на работниците“, Асс. Д-р Маја Аначкова, Машински факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје
• Презентација: „Практични примери на употреба на дигиталните технологии во БЗР во Република Северна Македонија“, Борче Стојчевски, стручно лице за безбедност при работа
• Презентација: „Кампања на EU-OSHA-Безбедна и здрава работа во дигиталната ера 2023-2025-Содржина и приоритетни области“, Michele Dinelli, IPA Project Manager, EU-OSHA