15.09.2025
Сабриу по повод Денот за пензиска свесност: Само финансиски писмена нација е силна нација
Државниот секретар на министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу денеска присуствуваше на настан по повод одбележување на Денот за пензиска свесност- 15 Септември. Настанот беше во организација на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), а се одржа во СГГУГС „Здравко Цветковски“ во Скопје.

Со цел подигнување на финансиската писменост кај младите секоја година се организираат едукативни настани , каде младите имаат можност да научат нешто повеќе за пензискиот систем и можностите за инвестирање во својата иднина.
„Како Министерство за социјална политика, демографија и млади, со посебно внимание ја поддржуваме финансиската едукација на младите. Затоа што токму вие – младите генерации – сте тие кои што ќе ги решавате утрешните предизвици и ќе ги градите темелите на одржливо општество,“рече Сабриу.

Тој посочи дека, финансиската писменост е основа за одговорно планирање, донесување исправни одлуки и создавање стабилна иднина. Како и дека, да се знае како функционира пензискиот систем, зошто е важно навремено да се вложува и штеди, значи да се има сигурност и мир во својата иднина.
„Драги млади, инвестирајте во своето знаење и својата иднина. Финансиската писменост е најдобрата заштита што можете да ја имате. Ви честитам на вашиот интерес и активно учество, и ве охрабрувам: бидете љубопитни, прашувајте, учете и вложувајте во себе. Вие сте генерацијата што ќе ја направи нашата држава посилна, поправедна и поуспешна. Запомнете – вашата иднина започнува денес и вие имате моќ да ја обликувате. Само финансиски писмена нација е силна нација,“ им порача на младите Сабриу.

Тој ги поздрави иницијативите и едукативните настани што се реализираат во училиштата затоа што тие се најдобар начин младите да научат дека секој мал чекор денес значи голема сигурност утре.