17.11.2023
Тренчевска: Верувам во способностите на младите, архитектите на нашата иднина
„Зајакнувањето, во својата вистинска смисла, е препознавање на сопствените способности и нивно користење за да се даде позитивно влијание, не само на вашите сопствени животи, туку и на светот околу вас. Станува збор за разбирање дека вашиот глас е важен, вашите идеи се вредни и вашите постапки имаат потенцијал да го обликуваат текот на историјата“ ова го порача Тренчевска на трибината на тема „Студентите и студентскиот стандард“ по повод одбележување на 17ти ноември – Меѓународниот ден на студентите.
Министерката во своето обраќање ги охрабруваше младите на поголемо општествено учество и го искажа своето уверување дека младите поседуваат огромен потенцијал, воедно ги нарече архитекти на иднината на државата. Таа во своето обраќање се осврна на Законот за практикантство и посочи дека секој млад човек треба да ги искористи можностите кои се одредуваат согласно тој закон.
„Само изминатата година има вклучено 621 практикант, додека во двете години пред неа вкупно има вклучено 834 лица до 34 години. Верувам дека можностите се во стекнувањето на повеќе вештини. Затоа ги охрабрувам младите покрај завршување на високото образование, практично да се стекнат со вештини. Тука не се заборавени и младите кои продолжуваат и во производствената дејност, младинскиот додаток е нешто кое што го спроведуваме, а сум особено горда. Во изминатите три години имаме вклучено 14 439 млади кои добиваат 3000 денари плус на нивните сметки“ рече Тренчевска.
На крај министерката ги поздрави младите и им го честита меѓународниот ден на студентите. Воедно ги предизвика да ги искористат можностите пред нив, и повика да бидат промената што сакаат да ја видат во светот.