Поддршка на инклузивниот развој на услуги во заедницата за долготрајна нега преку вклученост на повеќе чинители (InCARE)

Во ноември 2020 година, започна да се спроведува тригодишниот проект ,,Поддршка на инклузивниот развој на услуги во заедницата за долготрајна нега преку вклученост на повеќе чинители (InCARE)“, поддржан од Европската Унија преку програмата „Вработување и социјални иновации – ЕаСИ“.

Главната цел на InCARE е да се подобри пристапот до соодветна и прифатлива нега за старите лица кои заради когнитивни или функционални нарушувања имаат потреба од нега.

Проектот промовира кохерентен и координиран пристап во развој на национална политика за долготрајна нега, со посебен акцент на зајакнување и вклучување на сите чинители на локално ниво, заедницата, корисниците на услугите и нивните семејства во развој на услугите на долготрајна нега. Проектот се заснова на воведување „социјална иновација“ во доменот на долготрајна нега – односно услуги обликувани според способностите  и потребите на старите лица со функционални или когнитивни нарушувања и нивните негуватели. Но,  и заедницата и давателите на услуги имаат важна улога во планирање и обезбедување на услугите за долготрајна нега на иновативни начини и според потребите на старите лица. Понатаму, носителите на политиките на национално ниво треба да го поддржат прилагодувањето, усвојувањето и распространувањето на иновативните пристапи во давањето услуги за долготрајна нега.

Проектот го координира Европскиот центар за социјална политика и истражување, Виена, Австрија. Министерството за труд и социјална политика на Република Северна Македонија е национален партнер за политики, додека пак Министерството за здравство на Република Северна Македонија е асоцијативен партнер (соработник) во развивањето на политиките и стратешките насоки за воспоставување и нудење на сервиси за долготрајна нега во нашата држава. Исто така, Црвениот крст на Република Северна Македонија се јавува во улога на национален партнер за спроведување на проектни активности преку пилотирање на иновативен  пристап за грижа за старите лица.

Во имплементација на проектот се вклучени уште седум организации од пет земји: London School оf Economics & Political Science Lbg (LSE / CPEC), Обединето Кралство, Fundacion Instituto Gerontologico Matia Ingema (MATIA INSTITUTO), Шпанија, Stichting Vilans (VILANS), Холандија, Instituto De Mayores Y Servicios Sociales (IMSERSO), Шпанија, EUROCARERS-Association Europeenne Travaillant Avec Et Pour Les Aidants Non-Professionnels (Eurocarers / EuCa), Белгија, CHANCE B HOLDING GMBH (CHANCE B), Австрија и Министерството за социјални прашања, здравство и заштита на потрошувачите, Австрија.

Проектот ќе се спроведува во наредните три години, сѐ до  октомври 2023 година.

InCARE ќе вклучува три главни типа на активности:

1. Формативни истражувачки активности за поддршка на процесот на креирање политики, вклучително и детални анализи на состојбата со долготрајна нега во Северна Македонија, Шпанија и Австрија, потоа организација на национални работилници во трите земји засновани на пристапот „Теорија на промени“ и генерирање на алатки и насоки за идните политики.

Поконкретно, Министерството за труд и социјална политика на Северна Македонија, Министерството за здравство на Северна Македонија, Immerso Шпанија и Федералното министерство за труд, социјала, здравство и заштита на потрошувачите на Австрија (во улоги на партнери во градење на политиките) треба  да изработат детални ситуациони анализи на системот за долгорочна нега, засновани на социо-економската, демографската и епидемиолошката состојба во своите држави. Врз основа на сите сознанија,ќе се разработат Патокази за развој на услугите за долготрајна нега во секоја земја.


2. Пилотирање на иновативни услуги на долгорочна нега во Северна Македонија, Австрија и Шпанија, специфични за секоја од трите земји: Поддршка на негувателите и вклученост на заедницата (Шпанија), Интегрирани услуги за нега (Австрија); Примена на информациона инфраструктура и технологија во обезбедување на долгорочна нега (Северна Македонија). Поконкретно,во Република Северна Македонија со проектот ќе се пилотира услугата „Аларм за итни случаи“ /Emergency button од страна Црвен крст Македонија. Врз основа на искуството од пилотирањето ќе се разгледа можноста за стандардизација на услугата и нејзино одржливо финансирање, со цел во иднина да може да се дава и од други даватели на услуги.

 

3.Технички активности и активности за поддршка, вклучително координација, евалуација, следење и дисеминација т.н. технички партнери (Европскиот центар за социјална политика и истражување, LSE / CPEC, VILANS, Eurocarers) ќе ја обезбедат целата потребна поддршка преку активности за истражување, информирање, дисеминација, имплементација и евалуација.

 

Одговорни лица: Александра Славкоска, E-mail: aslavkoska@mtsp.gov.mk

                            Анкица Ивановски, Е- mail: aivanovska@mtsp.gov.mk

Со еден клик до сите услуги
Uslugi.gov.mk
Кликни тука
-->