12.09.2023
Тренчевска: Интегрирањето на родовата перспектива е наша обврска во процесот на пристапување во ЕУ
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска заедно со амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир и претставници од регионот се обратија на регионалниот форум: родова еднаквост во пристапувањето на Европската Унија.
![](content/images/2023/septemvri/12/2.jpeg)
„Интегрирањето на родовата перспектива е наша обврска во процесот на пристапување во ЕУ и во сродните реформски процеси затоа посветуваме особено внимание од сите аспекти. Ова се рефлектира и во Стратегијата за Родова еднаквост 2022-2027 која ја усвои Собранието на Република Северна Македонија како и во Националниот акциски план за родова еднаквост 2022-2024 година. За да можеме да го интегрираме ова прашање потребна е поголема сензитивност како и знаење за родовата еднаквост. Затоа и го воспоставивме Ресурсниот центар за креирање на родови политики и родово одговорно буџетирање. Центарот го отворивме во март 2022 година во рамки на проектот поддржан од UN Woman. Ова е прв ваков центар во регионот кој служи за градење на капацитетите на јавната администрација на национално и локално ниво. Во изминатиот период спроведени се 32 обука со 420 учесници“ истакна Тренчевска.
![](content/images/2023/septemvri/12/1.jpeg)
Таа посочи дека еднаквоста на жените и мажите во контекст на општеството во Северна Македонија денес најдобро се изразува преку односот помеѓу политиката или политичкиот естаблишмент, односно како Владата и Собранието се однесуваат на ова прашање. Во таа насока Министерката истакна дека во континуитет Собранието усвојува збир на закони, стратегии и други документи за антидискриминација, со кои се прави исчекор кон исполнување на обврските на државата Северна Македонија преку усогласување на нејзината регулатива со регулативите на ЕУ.
![](content/images/2023/septemvri/12/3.jpeg)
Тренчевска го затвори своето обраќање повикувајќи на кршење на стереотипот дека само жените треба да се едуцираат кога се работи на прашањето за родовата еднаквост правата на жените и на мажите и родово базираното насилство, туку дека сите треба да бидат подеднакво вклучени.