25.02.2022
Тренчевска: Преку зајакнувањето на дијалогот со сите чинители и капацитетите за програмирање и користење на ИПА фондовите, до поголеми придобивки за граѓаните
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска присуствуваше на првиот министерски координативен состанок, воден од вицепремиерот за европски прашања и Национален ИПА координатор Бојан Маричиќ, на кој се разговараше за важноста на секторските работни групи, формирани за потребите на ИПА и нивното прераснување во форум кој треба да обезбеди оддржливо и долгорочно планирање на националните приоритети во координација со сите чинители.
![](content/images/sliki_2022/Vlada_25_2/Vlada 3- 25.02.jpg)
На состанокот беше истакната важноста од вклучување на ресорните министри во работата на групите, со што се потврдува посветеноста во процесот на програмирање и користење на ИПА фондовите.
Министерката информираше дека Министерството за труд и социјална политика претседава со две секторски работни групи „Образование, вработување и социјална политика”, која се координира заедно со Министерството за образование и наука и „Интеграција на Роми“. Беше најавена консолидација на двете групи и прашањата на интеграцијата на Ромите ќе продолжи да се разгледува во рамки на групата „Образование, вработување и социјална политика“.
![](content/images/sliki_2022/Vlada_25_2/Vlada 1- 25.02.jpg)
„Најавата за започнување на програмскиот циклус за ИПА 2023/2024 ја наметнува и потребата од мобилизирање на секторските работни групи. Во таа насока, заедно со министерот за образование и наука, Шаќири го договоривме и првиот состанок на секторската група на која ќе ги претставиме и ќе отвориме дискусија за среднорочните приоритети во областите вработување, социјална политика, детска заштита и родова еднаквост и недискриминација, како и Роми. Состанокот е прилика да упатиме и јасна порака до сите чинители за нашите очекувања за учество, придонес и споделување на информации и одговорности по однос на приоритетите,“ рече Тренчевска.
Министерката информираше во насока на зајакнување на механизмот на координација на сите чинители, а посебно со донаторите е развиена едноставна софтверска алатка за прибирање информации за активностите на разните чинители во областите вработување, социјална заштита и Роми. Таа ќе послужи и за мапирање на чинителите, но и за мапирање на интервенциите во пооделните области.
![](content/images/sliki_2022/Vlada_25_2/Vlada 2- 25.02.jpg)
Таа посочи дека секторите и институциите за подготовка на Акциските фишеа за ИПА 2013/2024, се мобилизирани. Во текот на март и април ќе бидат спроведени и консултации со сите заинтересирани страни со цел да се обезбеди подобра координација и да се развијат релевантни проекти.