21.06.2023
Тренчевска: Усогласувањето на националното законодавство е важно за понатамошно втемелување на принципите на еднаквост и недискриминација во општеството
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска заедно со амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир и Народниот правобранител, Насер Зибери присуствуваа на завршниот настан насловен „Ситуација и практики за справување со случаи на дискриминација – резултати и насоки за понатаму” како дел од ИПА проектот „ЕУ за човекови права: Воведување на концептите на не-дискриминација во законодавството“. Настанот беше во организација на Делегацијата на Европската Унија и Министерството за труд и социјална политика се дискутираше за состојбите и практиките за справување во случаите на недискриминација и беа презентирани активностите кои ги спроведуваше проектот со акцент на клучните резултати.
![](content/images/2023/juni/MTSP-0401.jpg)
„Република Северна Македонија во континуитет посветено ги спроведува обврските преземени со пристапување и ратификација кон меѓународните конвенции и договори во областа на човековите права и слободи, кои се и составен дел од правниот поредок на нашата држава, особено во однос на воведување на начелата на еднаквост и недискриминација“, истакна Тренчевска во своето обраќање.
![](content/images/2023/juni/MTSP-0332.jpg)
Таа во своето обраќање ја истакна законската рамка која придонесува во борбата против дискриминацијата. Министерката го посочи Законот за спречување и заштита од дискриминација, Законот за работни односи и Законот за вознемирување на работно место како клучни за надминување на предизвикот.
Амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир се осврна на работата и поддршката на Европската Унија за државата.
![](content/images/2023/juni/MTSP-0357.jpg)
„Проектот што го одбележуваме денес е само една од многуте иницијативи на ЕУ за зајакнување на домашните закони за спречување и заштита од дискриминација. Тоа доаѓа паралелно со различни активности и грантови што ги обезбедуваме на граѓанските организации – за да помогнеме во подигнувањето на јавната свест за принципите на недискриминација и како да се применат во пракса“, рече амбасадорот Гир.
Тој истакна дека делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија секогаш е подготвена за да ја овозможи потребната експертиза за државата, но и дека исто така се очекува од државата и институциите да посветено да работат во унапредување на критичните области во државата.
„Институцијата Народен правобранител повеќе од 20 години има надлежност да ја следи имплементацијата на начелото на недискриминација и соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа и јавните установи и служби, инструмент кој треба да помогне во создавањето на баланс во општеството, пред се во делот на вработување на сите заедници во администрацијата“, истакна народниот правобранител, Насер Зибери.
![](content/images/2023/juni/MTSP-0382.jpg)
Тој изрази задоволство што Република Северна Македонија на ова поле оди напред, ги следи трендовите и успева да ја усогласи својата регулатива со сите меѓународни документи и директиви на Европската Унија.