27.11.2024
Средба Лимани- Џанел: Продолжува одличната соработка помеѓу Кралството Холандија и Северна Македонија
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани денеска оствари средба со амбасадорката на Кралството Холандија во земјава, Узлем Џанел.
На почетокот на средбата министерот Лимани и посака добредојде на амбасадорката Џанел и успешна работа за време на нејзиниот мандат.
Република Северна Македонија и Кралството Холандија имаат долгогодишна одлична соработка која што како што изразија уверување соговорниците ќе продолжи и понатаму.
Двете страни зборуваа за неколку клучни теми: родово- базираното насилство и семејното насилство, демографските политики и политиките за млади, два сектори кои се нови во Министерството за социјална политика, демографија и млади.
На тема родово- базирано насилство министерот Лимани ги истакна неговите лични заложби и заложбите на министерството за унапредување на системот за превенција и заштита од насилство, ефикасна постапка за заштита на жените жртви на насилство и семејно насилство, нивна реинтеграција во системот и проширување на мрежата на прифатилишта за жртви на насилство.
Во врска со демографијата, министерот Лимани информираше за донесените стратегии за демографија и за млади, како и плановите согласно програмата на Владата за подобрување на демографската слика во земјава.
На средбата стана збор и за Предлог законот за родова еднаквост, кој како и претходното законско решение ќе подлежат на анализа од страна на експертска работна група, по што ќе биде изнесен на јавна расправа со цел вклучување на општествената јавност.
Двете страни изразија подготвеност за продолжување на досегашната соработка и вложување на заеднички напори за унапредување на состојбите во областите кои ги покрива министерството.