25.09.2023
Тренчевска: Соработката со граѓанскиот и приватниот сектор дава најдобри резултати од кои директна придобивка имаат граѓаните
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денес официјално го означи почетокот на работа на сензорната соба во склоп на Центарот за лица со интелектуална и телесна попреченост во Битола. Сензорната соба која е дел од дневниот центар има за цел да ја потпомага стимулацијата на сетилата за слух, вид, допир, мирис и воедно влијае на развојот на фината моторика. Опремувањето на собата е поддржано од страна на Невладината организација ДЕЦА од Австрија и Компанијата ИНТЕРВОКС кои заедно учествуваа во опремувањето.
![](content/images/2023/septemvri/25.09/5_slajd.jpg)
„Уште еднаш се покажа дека заедничката работа и вклученоста на сите чинители во општеството, невладиниот сектор, бизнис секторот и Владата преку своите институции, дава најдобри резултати од кои директна придобивка имаат граѓаните. Токму со донацијата која е во соработка со граѓанската организација ДЕКА од Австрија и Компанијата ИНТЕРВОКС заедно со Центарот за социјална работа во Битола придонесовме кон подобри услови и истакнување на потенцијалот на лицата со попреченост“ рече Тренчевска.
Министерката во своето обраќање за медиумите ги истакна и политиките и мерките кои Владата ги донесе во изминатиот период, а се однесуваат на лицата со попреченост. Таа истакна дека со покачувањето на правото за попреченост за 14,2% и правото за посебен додаток од 30 % директно се придонесе кон подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост. Таа додаде дека покрај материјалните права министерството работи и на услуги и дека тоа на дело се покажува со воспоставувањето на дневни центри, помош и нега во домот, лична асистенција и образовни асистенти.
![](content/images/2023/septemvri/25.09/2_jpg.jpg)
На крај министерката посочи дека министерството ќе продолжи да се залага за воспоставување на еднаков пристап на лицата со попреченост во сите услуги во сите населени места во државата.