20.03.2022
Тренчевска за Радио Слободна Европа: Намерата на Владата е во период на Ковид криза, економска и енергетска криза да опфати што поголем број на граѓани
„Системот на социјална заштита со реформите од 2019 година е така направен да може да ги апсорбира сите граѓани коишто се наоѓаат во социјален ризик,“ рече министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во интервју за Радио Слободна Европа.
Таа информираше дека бројот на приматели на Гарантирана минимална помош во период од почетокот на пандемијата до сега е зголемен за 1000 граѓани, граѓани кои останале без работа или на друг начин ги изгубиле приходите и се нашле во ризик.
Таа истакна дека реформите од 2019 година, со измената на Законот за социјална заштита, навистина даваат резултат и се насочени кон потребите на граѓаните.
![](content/images/sliki_2022/mart/sl_int_1.JPG)
Во врска со новите мерки на Владата, меѓу кои, примателите на ГМП, добиваат дополнителни 1.000 денари, за три месеци, за купување на основните производи за исхрана, дали е доволен, министерката посочи дека покрај оваа помош, овие корисници користат и 1000 денари за покривање на трошоците за енергенси.
„Намерата на Владата е во период на Ковид криза, во период на економска криза да покрие што поголем број на граѓани. Во таа насока се и мерките што се носат и за примателите на Гарантирана минимална помош, мерките за финансиска поддршка што се носат и за пензионерите и сите оние останати мерки од пакетот на новите 26 мерки со кои сакаме да допреме и до граѓаните и до компаниите,“ рече Тренчевска.
Таа потсети дека, со реформите од 2019, надоместокот на Гарантирана минимална помош, претходно социјална помош е зголемен за некаде околу 300 проценти, значи тој надоместок за разлика од пред 2019 е навистина многу поголем.
„Четиричлено семејство во моментот со деца во школска возраст или во предучилишна возраст, примаат надоместок од околу 11.800 денари, плус надоместок од 1000 денари месечно за енергенси и дополнително овие 1000 денари што сега ќе ги даваме три месеци, значи по 13-14 илјади денари, за едно семејство што е материјално необезбедено и е во социјален ризик добива од државата, за да може да ги обезбеди основните социјални во текот на еден месец, рече Тренчевска.