17.10.2024
Велковски: Наша обврска е да се грижиме за бездомните лица
Во рамките на македонско-австриската соработка, на 17 и 18 октомври 2024 година во Скопје се одржува дводневна работилница со цел размена на искуства за услуги за бездомни лица/лица без сопствен дом.
Воведни обраќања на работилницата имаа заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски и австрискиот аташе за социјални прашања, Харалд Фугер.
На почетокот од своето обраќање, Велковски искажа благодарност до аташето Фугер и до Сојузното Министерство за социјална политика, здравство, нега и заштита на потрошувачи на Република Австрија за повеќегодишната интензивна соработка.
Говорејќи за бездомништвото во државата, заменик министерот Велковски посочи дека во досегашната пракса биле применети различни пристапи за решавање на овој комплексен проблем. Воедно, тој нотираше дека останува потребата од поголема вклученост и координација на повеќе ресори во насока на надминување на проблемите со кои се соочува оваа категорија на лица.
„Тука е пред сѐ здравствениот сектор со програми за ментално здравје на оваа категорија, станбениот сектор и достапноста на домови со субвенционирана станарина, како и образовниот сектор со достапни програми и начини за доквалификација и стекнување со неопходниот степен на образование за лицата кои го немаат”, рече Велковски.
Заменик министерот Велковски пред присутните ги наведе мерките за помош и поддршка на бездомните лица во системот за социјална заштита, како и активностите поврзани со развивање и давање социјални услуги од страна на општините за задоволување на потребите на најранливите категории на граѓани, вклучувајќи ги и бездомните лица. Исто така, беа спомнати и активните мерки и политики за вработување, како и социјалното претприемништво.
На крајот, Велковски заклучи: „Има многу начини да се помогне во борбата против бездомништвото. Наша обврска е да изнаоѓаме одржливи и долгорочни решенија кои го зајакнуваат и гарантираат пристапот до основните социјални услуги, вклучувајќи го домувањето, вработувањето, образованието, здравствената и детската заштита. Наша должност е да се погрижиме секој човек во ризик повторно да си го заштити својот интегритет”.