08.07.2021
Работен појадок на министерката Шахпаска со австрискиот министер за труд Кохер: Младинската гаранција дава резултати, креираме конкретни политики за задржување на младите дома
Во пресрет на Вториот министерски состанок за вработување и социјални прашања меѓу министрите на земјите членки на ЕУ и Западен Балкан, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска утринава присуствуваше на работен појадок, што го организираше австрискиот министер за труд Мартин Кохер за министрите за прашањата од областа на трудот од Западен Балкан.
![](content/images/2021/слика 8 сло..jpg)
На состанокот присуствуваа и министерката за цивилни прашања на Босна и Херцеговина Анкица Гуделјевиќ, како и министерот за финансии, труд и трансфери на Косово Хекуран Мурати.
Министерката Шахпаска, на состанокот истакна дека Република Северна Македонија и Република Австрија досега имаат одлична соработка во доменот на вработувањето, социјалната заштита и социјална инклузија.
Таа се осврна на политиките за подобрено вклучување на младите лица на пазарот на труд, а особено на имплементацијата на Младинската гаранција која ја имплементираме како прва и единствена земја од овој регион на Западен Балкан.
„Имплементацијата на оваа Програма за нашата држава даде исклучително позитивни искуства и резултати. Но, сепак се уште има предизвици со кои се соочуваме и кои мораме да ги надминеме. На тоа интензивно работиме. Во тие напори од особено значење би ни била и понатамошната соработка со Австрија и споделувањето на нивните искуства и научени лекции, добри практики во имплементацијата на Младинската гаранција и политиките за млади, како земја членка на ЕУ“, нагласи министерката Шахпаска.
Таа ги истакна и напорите кои во овој изминат период Владата на Северна Македонија ги прави за справување со последиците од Пандемијата со Ковид-19 и усвоените пакети на анти-кризни мерки, детално креирани и усогласувани во соработка со социјалните партнери.
![](content/images/2021/слика 4 сло...jpg)
Австрискиот министер Кохер информираше за приоритетите на Австрија во делот на пазарот на труд, преминот кон дигитализација и кон зелени работни места, вработувањето и образованието на младите, особено во делот на заздравувањето од Ковид кризата.
Тој го сподели искуството на неговата земја во делот на имплементацијата на образовната гаранција, но и системот за практиканство на младите и во тој контекст, на силната поврзаност со приватниот сектор и компаниите.
Министерката Шахпаска оцени дека за државите од Западен Балкан, вклучително и за нашата предизвик е одливот на едуцирани млади луѓе.
„Ние како држава креираме конкретни политики кои треба да овозможат задржување на младите дома и градење на нивната иднина во Северна Македонија. Во таа насока е и имплементацијата на активните политики за вработување, зголемувањето на буџетските средства кои ги издвојува државата за Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување. Работиме и на рамномерен регионален развој, како и на поттикнување на диверзитетот и на инклузивноста кои ги вградивме како основни принципи во овогодинешниот Оперативен план“, информираше Шахпаска, која се осврна и на тековните реформи во образовниот систем со цел негово што поголемо прилагодување кон пазарот на труд и потребите на младите.
Соговорниците ја нагласија потребата од продлабочување на заедничката соработка во иднина.
Во попладневните часови министерката Шахпаска ќе има свое обраќање на Вториот министерски состанок за вработување и социјални прашања меѓу министрите на земјите членки на ЕУ и Западен Балкан.