13.10.2021
Шахпаска: Во новата инклузивна детска градинка во Кочани ќе бидат згрижени 112 дечиња
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска направи увид во новата инклузивна детска градинка во Кочани, клон на градинката „Павлина Велјанова“. Во шест групи, (две јаслени за деца до две годишна возраст и четири до шестгодишна возраст) ќе бидат згрижени 112 дечиња. Министерката Шахпаска посочи дека една од најзначајните придобивки од новата градинка е што таа нуди згрижување на дечиња со попреченост. Градинката која има приземје и кат, располага со лифт, со две кујни сместени на приземје и на кат, внатрешно детско игралиште со тобоган кој ги поврзува двете нивоа, како и други содржини (алпинизам, качувалки) кои на најмалите ќе им овозможат незаборавно и невообичаениот искуство од најрана возраст за корисниците на објектот. Детската градинка има и надворешна занимална, кој по потреба може да биде отворена или затворена зависно од временските услови.
![](content/images/2021/Kocani/slik 4.JPG)
„При денешниот увид се уверивме дека градежните работи на новата градинка се во завршна фаза и дека се почитуваат сите договорени и пропишани стандарди што ќе обезбедат безгрижен и безбеден престој на дечињата во неа. Со сеопфатна социјална реформа која ја спроведуваат Владата и Министерството за труд и социјална политика создаваме услови за правилен и здрав развој на нашите најмлади. Тие се иднината на нашето општество. Вистинската и посветена грижа за нивниот развој е основниот предуслов за иден просперитет на целата заедница и токму затоа овие проекти се од исклучително значење. Тука, во Кочани, се докажа дека упорниот и посветен пристап на Општината и градоначалникот Илијев придонесоа успешно да се реализира овој проект за понатамошен развој и унапредување на животот на кочанчани“, рече Шахпаска.
![](content/images/2021/Kocani/NIK_5724.JPG)
При увидот на градинката, градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев посочи дека новиот објект има енергетски ефикасна вентилирачка фасада, направена од природни материјали, која преку таканаречена фотокаталитична реакција ги задржува аеро-честичките и со тоа го прочистува воздухот. Со новата детска градинка која е втора во државата од ваков вид, по онаа изградена во скопската населба Драчево со фасада која создава почиста околина за децата и за соседството на објектот, се намалуваат трошоците за нејзиното работење.
![](content/images/2021/Kocani/NIK_5727.JPG)
„Денес кога го имаме објектот пред нас, радосни сме што за толку кратко време градинката е реалност. Таа е гордост на Кочани и кочанчани, на МТСП и на сите што учествуваа во нејзината градба. Со овој објект, одговараме на потребите на стотина семејства кои чекаат на згрижување на децата во јавната установа. Ги подобруваме условите и квалитетот во детската заштита“, рече градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев.
![](content/images/2021/Kocani/slik 1.JPG)
Градинката е дел од Проектот за подобрување на социјалните услуги и сеопфатната социјалната реформа која ја спроведуваат Владата и Министерството за труд и социјална политика. Целта на Компонента 2 од Проектот за подобрување на социјалните услуги е да го зголеми опфатот и да ги подобри условите за предучилишно згрижување и воспитување во земјата. На општините им се доделуваат грантови за изградба на нови и за проширување или пренамена на постојни објекти во детски градинки и центри за ран детски развој.
![](content/images/2021/Kocani/slik 2.JPG)
Според министерката Шахпаска за зголемување на квалитетот на услугите во градинките се реализираат и обуки за кадарот во градинките и центрите за ран детски развој во насока на за зајакнување на нивните капацитетите. На тој начин, се создаваат подобри основи за имплементација на новите наставни програми. Овие обуки ќе продолжат и во следниот период.
![](content/images/2021/Kocani/slik 6.JPG)
Вкупната инвестиција во градинката изнесува 58,7 милион денари, од кои 52,1 отпаѓа на градежни активности и 6,6 милиони денари за мебел, внатрешно игралиште, опрема за посебни занимални и занаетчиски работи.